ПребарувањеЗа МакедонијаПродукцијаДистрибуцијаИнституцииФестивалиХронологија Форум

страница погодна за печатење

Американска литература на филм

КАКО И СЕКОГАШ, СЕМ!

Дали знаете зошто се снимаат филмови во Америка?
За да се гледаат. (Богдан Тирнаниќ)

Вивиен Ли прв пат ме виде некаде во ноември 1964 година, во едно кино коешто мирисаше на ментол бонбони, "покошено сено" и свежо изгаснати пикавци, со амбициозно име "Култура", и покрај морето лушпи од кикирики, семки и сончоглед, низ кои едвај се пробивавме накај излезот, постојано завртени со тимбите кон големото платно и одјавната шпица… Причините за задоцнетата средба со Вивиен беа моите прележани "заушки" и безбројните идеолошки комисии, во кои духовните полицајци безброј пати ги проверуваа филмовите што доаѓаа од "гнилиот Запад".

Ситуацијата се намести како пасијанс. Токму во тоа време се скарав со старата Грета Гарбо во филмот ДАМАТА СО КАМЕЛИИ, а во АНА КАРЕНИНА конечно е раскинав, затоа што спомените на Елизабет Тејлор беа се уште трауматични и јас не сакав уште еднаш да поминувам низ врска со мажена жена. Тој ден уште во црни темнини (6 саат сабајле!) се залепив како туткал за билетарницата на киното "Карпош" и кљамчев до 10, затоа што до карта за ОДНЕСЕНО СО ВИОРОТ не можеше да се дојде ни преку "социјалистички", а тапкарошите во тоа време беа вистински дерикожи, крвопии и садисти! Мислам дека не ги навредив доволно многу. Тапкарошите беа стока неопеана. Додека ние како дифтари кружевме околу киното во очајничка потрага по "карта више", џукелите тегнеа пожолтени насмевки, затоа што нивните џебови практично беа билетарница на киното!

Нејсе.
Се дотерав максимално. Неколкуте влакна под носот и на брадата ги стругнав со силвер жилете ("најдобро ношче во светот!"), се полеав со колонска "питралон" (мирис на испотена мишка), фармерки-yвонарки и перлон кошула со подигната јака на тарзан фризура, плус патики шангајки, последен крик на модата во тоа време. За среќа, минатата недела за роденден добив џемпер исшаран со баклави. Во таа година баклавите беа во мода. Страдав како најголем грешник затоа што на моите гради можеа да се соберат само двеипол баклави поради моите пропорции на грисина, додека на останатите копиљаци од мојот клас градите им личеа на слаткарски излог, со можност за доградба!

Тогаш се уште имаше љубов, симпатија и другарство, а годишните времиња беа исти како во нашите читанки, сликовници и боенки. Таа зима снегот направи од Скопје една голема шампита. Изнаврна толку многу, што и покрај нашето поткревање на прсти, најмногу што успевавме да видиме беа нашите капчиња со стреа и капаци за уши, заврзани на зацрвените бради. Тогаш можеше да се одложи се, но одењето во кино не можеше. Тогаш повеќе им верувавме на случувањата во филмовите, отколку денес на случувањата во нашите животи. (Звучи логично. Тоа што ни се случува во нашите животи и не е за верување!)

Уотевер.
Седам, значи, во првиот ред, партер десно, место број 5, со фризура како цел ден да ме лижела крава и со 30-тина отчукувања на срцето повеќе отколку во истиот период лани! Таман кога блеснаа првите магични слики на растрепереното платно, снема струја! Фазата "индустријализација + електрификација = социјализам" очигледно доцни, но тоа е само поради објективни, добро де, и по некоја субјективна причина. Комплетниот мрак и од најплашливите од нас правеше јунаци, кои гласно извикуваа пароли што не беа во духот на комунистичкиот морал, поради што растрчаните редари со запалени батерии панично го параа мракот, за да ги откријат "ненародните елементи!"

По една цела вечност, дојде и проклетата електрична енергија! "Гаси цигарите!", беше последната наредба на редарите додека од вториот ред раката на една Пацка од 7-а одделение нежно се доближи до мојот нов џемпер со тазе отворена кесичка со карамели, но веќе беше доцна. Скарлет О' Хара залепи еден поглед на мене како пијавица, со длабочини и широчини по кои океаните ги доживував како леген со вода, а небото како сламена шапка на мојата глава.

Се загледав во Вивиен со поглед на рендген техничар, ја труев со погледи од сите страни, а од неколкуте мои воздишки се искина единственото здраво место на филмското платно во киното "Карпош", во таа 1964 година, додека милијарди снегулки како глуварки паѓаа на околните сртови, ќерамиди и нашето детство. Изyемнати по сите основи, шмркавме врел салеп "Кај Апче" и секоја минута прашувавме уште колку време има до почетокот на филмот. Еден од трите часовници во тоа време во Скопје (марка: "Дарвил" со дата!) имаше Цанко Курбла. Останатите имаа сипаници, огледалце и чешле во задниот џеб, грицкалка за нокти, а посреќните и трипер.

Иако во филмот Вивиен имаше еден куп обврски, глумеше домаќинка, медицинска сестра, хумана личност… секогаш наоѓаше време да упати долг и топол поглед во првиот ред на место број 5, каде што јас се топев од возбуда, милина, но и од близината на џиновското ќумбе "пампур", кое трошеше нафта доволна да загрее половина Сибир. Сигурно се прашувате, што правеше Клерк Гебл во оваа приказнае Глумеше швалер, само затоа што имаше залижана фризура и тенки мустачиња! Такви "предратни швалери" кај нас имаше во Припор повеќе отколку во три Холивуди заедно!

Нормално, никој не цица ќоше од зграда особено кога неговата женска флертува со некого, а тој некој во случајов сум јас. На Клерк Гебл уште на почетокот му стана нешто сомнително, но глумеше ладен шприцер во "Идадија", се до моментот кога Вивиен тргна накај мене, тогаш џукелата со сумо зафат ја прегрна и набрзина ја одвлечка во правец што беше се подалеку од мене, но таа постојано се вртеше во правецот што беше најблиску до мене! Што ќе му направев на тој надуенко да дојдеше во Тафталиџе барем на неколку часае За почеток ќе го однесев во берберницата "Цафуре" да го дотераат со една "лустер" фризура и да го разделат од неговите смешни мустачиња. А послее После од настаните што ќе му се случат, холивудските мајстори ќе направат хорор филм, "бејзд он а тру стори".

Не дојде, завалијата, да поделиме мегдан. Ја влечкаше кутрата женичка на сите страни, се додека не заврши филмот. Цела ноќ не заспав. Следниот ден се случи истото: и на проекциите од десет, два, четири, шест и осум. Цело време ме гледаше. Следната недела, кога забележаа дека помеѓу мене и Вивиен станува "за озбилно", го симнаа филмот од репертоарот! Од чиста љубомора. Типичен провинциски потег. Не ти даваат да се истакнеш. Или не дај боже да се издвоиш!

После се среќававме повремено во кината "Влае", "Вардар1", "Вардар 2", "Бамби", "Напредок", "Бутел", Дом на градежните работници "Кочо Рацин", "Балкан бавча", "Парк", "Драчево"… но ништо веќе не беше како што беше. После дојде ерата на цинизмот. Во меѓувреме измислија и ДВД, домашно кино и домашни влечки. Кината веќе ги нема, иако останаа неколку во градот, но тоа е само чиста формалност. Ја нема и онаа топла и нежна рака, бела како крин, во која се смешкаше штотуку отворената кесичка со карамели… Ако зборуваме искрено, се помалку не има и нас, но тоа не е причина да не се напиеме. "Како и секогаш Сем", промрчува Хемфри Богарт со глас на за'рѓана тенекија. И додека барменот ја става чашата со дупло виски без мраз на шанкот, Боги од своите "честерфилд" без филтер испушта облаци дим, доволни да покријат неколку квечерини над Казабланка...

                                                                                                                        Братислав Димитров

За сите дополнителни информации обратете се во Кинотека на Македонија.