ПребарувањеЗа МакедонијаПродукцијаДистрибуцијаИнституцииХронологијаФорум
Вовед

страница погодна за печатење

Македонија - еден поглед

од Роналд Холовеј

Уметност и историја на Виа Игнациа

Цицерон замина во прогонство по Виа Игнациа. Денес се забележуваат траги од италијанското ренесансно сликарство на истиот тој пат. Заборавете дека митот за хуманизмот и личноста во средновековното сликарство потекнува од делата на Чимабуе и Џото од крајот на 13-тиот и почетокот на 14-тиот век. Напротив, може да се дојде до сознание дека балканскиот пат изграден од Римјаните во античкото доба ги поврзува јадранскиот брег со Егејското Море (подоцна со Константинопол) преку Драч, Охрид, Битола и Солун.

Вашето патување треба да го започнете со ренесансата, следејќи ја Виа Игнациа северно од Солун кон Битола, потоа свртете лево за Битола и западно за Охрид - и застанете кај црквата Св. Софија, која датира од 1037 - 1056. Овој ист пат го следел непознат византиски учител кој (токму пред 1056 година) го насликал Успението (Вознесението) на Богородица, прекрасна фрескокомпозиција на западниот ѕид, во големата традиција на средновизантиското монументално сликарство кое било застапено во Константинопол за време на периодот на македонската династија (867 - 1056). Тој период, исто така познат како прва византиска ренесанса, датира два века пред фреските на Чимабуе и Џото.

Охрид, колевката на сесловенското христијанство, во тоа време ја доживуваше истата уметничка преродба со која беше преплавен грчкиот културен центар во будењето на иконокластичката забрана - имено, враќање кон хеленистичките инспиративни модели. Така, и нацртаната фигура на Успението на Богородица и чувството за баланс во композицијата на сликата се возвишени и чудесни. Од оваа охридска слика историчарите на уметноста спремно ја откриваат величественоста на изгубените фрески во црквите на Константинопол кои датираат од големиот раскол (1054) до падот на Константинопол под Турците (1453).

Грчковизантиските уметници, патувајќи од Солун во средината на 12-тиот век, исто така скршнале од патот за Битола североисточно кон Нерези, во близина на денешно Скопје. Овде, клучната врска помеѓу втората византиска ренесанса за време на периодот на династијата Комнени (1081 - 1185) и италијанската ренесанса која следеше после едно и пол столетие, може да се најде во манастирот Пантелејмон. Монуметалната фреска на Симнувањето на Христос или (Оплакувањето) насликана во 1164 година ја содржи истата нота на длабоко чувство што подоцна го карактеризираше делото на Џото во Италија.

Симнувањето на Христос, во основа хуманист по карактер, нагласува чиста емоција и човечко чувство - сето ова, во контраст со возвишениот пристап на несветовната карактеристика на византиската уметност за време на средновековниот период. Повторно, непознатиот уметник кој го насликал Симнувањето не бил осамен, бидејќи византиската уметност во Константинопол ја искусила преродбата за време на 12-тиот век. Всушност, историчарите на уметноста и денес сé уште се обидуваат да најдат мера за сета ширина на овој излив на уметничка креација за време на втората византиска ренесанса којашто траеше до уништувачката победа на Латините во Константинопол во 1204 г. Во секој случај, долго зачуваната претпоставка дека хуманизмот и индивидуалноста во уметноста започнаа со италијанската ренесанса во 14-тиот век, имаше драматичен пад веднаш штом бојата и варта беа отстранети од фреските во Нерези набргу по Втората светска војна.

Историчарите на уметноста имаа уште едно важно откритие во Курбиново, на половина пат помеѓу Битола и Охрид, каде црквата Св. Ѓорѓија порано била користена како складиште. Нејзините реновирани фрески кои датираат од 1191 година, ја нагласуваат индивидуалноста на ликот и ја нагласуваат убавината на бојата и составот. Непознатиот уметник, чии човечки фигури на Христос и Архангелот Гаврил се единствени во својот израз и композиција, бил византиски учител школуван во Константинопол, а ѕидните слики во Курбиново претставуваат мост со третата византиска ренесанса под палеолошките императори (1258 - 1453), последното процветување на Истокот кое, во својата суштина, и парираше на ренесансата во Италија. Навистина, човечката фигура на Архангелот Гаврил има креативно ехо во мозаиците на црквата Кора во Константинопол, кои датираат од 1310-1320.

Што да кажеме за самата Виа Игнациа? На вашата следна посета на Фестивалот на филмска камера "Браќата Манаки" во Битола, чиј турски назив е Монастир, прошетајте се по главната улица до остатоците на Хераклеја Линкестис, античкиот римски град, чија историја нe враќа во 4-тиот век пред нашата ера, некогаш просперитетна метропола сe до катастрофалниот земјотрес. Најзначајните предмети пронајдени на оваа локација се сместени во музеи, но вкусот на животниот стил во оваа метропола може да се долови од два документарни филма: Сиц Трансит Глориа Мунди - Херацлеа (1974) на Љубиша Георгиевски и "Археологија и архитектура" на Кочо Недков (1980).

Охрид - лулка на цивилизацијата

Охрид - чудесниот град со своите 35 цркви и прекрасното езеро со природни извори и уникатна флора - се под заштита на УНЕСКО, како национален историски споменик од огромна важност за меѓународната заедница. Посебно, една од охридските цркви е позната во светот: Св. Јован Канео (Св. Јован Евангелистот, или Теологот од Канео). Мотивот на оваа црква е клучна визуелна слика на филмот на Милчо Манчевски "Пред дождот", добитник на наградата Златен лав на филмскиот фестивал во Венеција во 1994 година.Во ортодоксното христијанство Охрид е познат како лулка на словенската литургија, култура и литература. Во 885 г. кога следбениците на браќата Кирил и Методиј беа протерани од Молдавија, а истата година употребата на словенскиот јазик беше забранета во христијанската литургија од папата Стеван VI, нивните солунски ученици беа поканети од тукушто покрстениот бугарски цар Борис I да го преобрати словенското население и да основаат школи во Охрид и Преслав, престолнината на Првото бугарско царство. Старата словенска црква беше негувана и развивана во Охрид под Св. Климент (916) и Св. Наум (910).

Климент Охридски, првиот словенски и македонски поет, напишал голем број химни, проповеди и литургиски текстови и ја превел Библијата од грчки на словенски јазик. Кога бугарскиот цар Симеон го побарал присуството на Климент, Наум го зазеде неговото место и основа манастир за учење и медитација на другиот крај на Охридското Езеро. Таму тој и неговите ученици ја усовршија словенската азбука употребувана од Кирил и Методиј за преобратувањето на словенските народи со глаголското писмо, кое подоцна послужи како основа за денешната кирилична азбука. Во меѓувреме, св. Константин, кој бил ученик на Наум, и бил прогласен за бискуп во 906 година, истото го стори на бугарскиот двор во Преслав.

Значењето на Охрид како "прв европски универзитет" брзо се развиваше под влијание на просветениот бугарски цар Симеон (893 - 927). Словенската азбука постепено ја замени грчката во официјалниот литургиски јазик. Таа, исто така, имаше голема улога во борбата со богомилскиот ерес, во растот на паганската огорченост против христијанството и ортодоксната хиерархија; ересот цврсто востановен во регионот во 950 г. се ширеше на Балканот следните 4 века. Што беше поважно, кирилската азбука се покажа како неопходен инструмент во преобратувањето на Русите во ортодоксна вера, на барање на Владимир, големиот војвода од Киев во 988 година.

Падот на Првото бугарско царство во 1018 година се совпадна со појавувањето и пропаста на првата македонска држава на Цар Самуил (976 - 1014). Основана во почетокот во Преспа, а подоцна во Охрид, Самуиловата држава ја покриваше целата територија на Македонија (освен Солун), цела Албанија, голем дел од Бугарија и регионите на север сé до Босна. Како пркос спрема византискиот император, Василиј II, Самоил исто така повторно ја основа бугарската патријаршија, а Охрид беше црковен центар и командна тврдина за заштита на градот. Така, во 993 г. кога Самуил се прогласи за цар, со очигледна согласност на папата Грегориј V, позицијата на Охрид како лулка на цивилизацијата и понатаму се зголемуваше. Во наредниот милениум, беше формулиран сопствениот јазик и култура, кој пак ја определи судбината на македонската држава до денешен ден.
Во врска со ова, документарецот на Трајче Попов "Кирил и Методиј" (1970), ја прикажува македонската верзија за случувањата во животот на двајцата светци - од времето на нивната инвенција на словенската азбука во солунскиот манастир, која се користела во преводите на грчките теолошки текстови во покрстувањето на Словените, сé до нивната смрт во Рим.

Иконографија

Не е проблем каде да се почне туку каде да се заврши! Само неколку земји во светот имаат толку богата традиција на уметноста и културата како Република Македонија. И покрај напорите за уништување на православното христијанство под јаремот на петвековното турско царство, македонското наследство на икони и фрески остана речиси недопрено како резултат на општата политика која дозволувала изолираните манастири да го заштитат и сочуваат скапоценото уметничко богатство.

Да започнеме со двата документарни филма на Кочо Недков: "Средновековни фрески во Македонија" (1957) и "Фрески и икони" (1980). Иако "Средновековни фрески во Македонија" нуди само краткотраен поглед на убавината на фреските и ѕидните цртежи под реставрацијата на 6 цркви - Св. Софија и Св. Климент (порано Св. Богорица Перивлептос или светата господова мајка, најблажената) во Охрид, манастирот Св. Пантелејмон и црквата Св. Никола во близина на Скопје, и двете цркви Св. Ѓорѓија во Курбиново и Старо Нагоричани - филмот го истакнува богатото културно наследство со преку стотина цркви и манастири во Македонија, секој со сопствена историја, а некои со богатства. Бидејќи чувањето скапоцености е одговорна работа, како што се потврдува во "Фрески и икони", преку 22 илјади највредни снимени икони и старословенски ракописи познати по својата илуминација, денес се чуваат во 22 национални музеи и галерии.

Примерите на македонската традиција на резбани иконостаси го одземаат здивот. Популарната дрворезбарска уметност во светите домови, посебно во непознатите манастири (или ретко посетувани), започна во 14-тиот век и се усовршуваше во текот на вековите. Познатите резбани иконостаси може да се најдат во црквите Св. Спас во Скопје, Св. Пантелејмон во Нерези, Св. Наум во Охрид, Св. Димитрија во Битола и во манастирите во Тресковец, Селце и Марко. Но, најпознат од сите, место за поклонение на уметниците и интелектуалците, покрај опслужувањето на населението за време на верските празници, е манастирот Св. Јован Бигорски во Западна Македонија, во близина на Дебар кај границата со Албанија.

Резбаниот иконостас на Св. Јован Бигорски, кој датира од периодот на македонската преродба во 19-тиот век, е познат по богатството на духовниот израз. Неговите креатори припаѓаат на познатото мијачко смемејство, чие мајсторство ја следи традицијата во Гари сé до денес. Галичник и другите села се во непосредна близина. Приближно двеста години, мајсторите од долината на реката Радика ги резбареле не само прекрасно декорираните иконостаси кои живо рефлектираат природни сцени и рурален селски живот, туку тие, исто така резбареле: врати, скали, тавани, крстови, олтари, тронови. Традицијата датира најмалку барем од 12-тиот век според вратата на црквата Св. Никола во Охрид, украсена со резбани слики на фантастични ѕверови и светци на војната.Навистина, спиритуалноста и медитацијата беа кренати на ниво на начинот на живот во македонските манастири посебно за време на Турското Царство. Бидејќи иконостасот во ортодоксното христијанство ја има истата намена како триптих - олтарот во латинското христијанство, иконата на иконостасот ја има истата функција како и крстот на олтарот, нејзината важност во однос на националниот идентитет не може да се минимизира. Една историска икона, сместена во Галеријата на икони во Охрид, му е позната на секој посетител на овој дел од Балканот: Оплакувањето, насликана на лакирано дрво во 11-тиот или 12-тиот век од непознат уметник во црквата Св. Климент во Охрид.

Играниот филм на Кирил Ценевски "Јад" (1975), со дејство од 11-тиот век, содржи сцени снимани во црквата Св. Климент во Охрид. Иако темата на филмот е ширењето на богомилскиот еретизам во 11-тиот век, историскиот еп се претвори во национален филм, како ништо друго дотогаш снимено во продукција на "Вардар филм". Презервацијата и реставрацијата на фреските и иконостасот во оваа црква предизвикува и стравопочит и длабока почит.

Струга - Поезија на Балканот

Дваесеттите струшки вечери на поезијата, одржани на брегот на Охридското Езеро кон крајот на август 1981, година беа посебно значаен настан: Блаже Конески (1921 - 1993), македонски поет - лауреат, го доби фестивалскиот угледен Златен венец. Претходните години, венецот им беше доделен на В.Х. Одн (САД), Пабло Неруда (Чиле), Еуџенио Монтале (Италија), Леополд Седар Сенгор (Сенегал), Рафаел Алберти (Шпанија) и Ханс Магнус Енцесбергер (Германија), меѓу другите. Струга со секое право може да се пофали дека му додели Златен венец на италијанскиот поет Еуџенио Монтале две години пред неговото добивање на Нобеловата награда за литература во 1975 година.

Позицијата на Блаже Конески како поет не може да се минимизира. Бидејќи овој скромен академик не само што беше најдобар поет на својата генерација, туку тој беше и меѓународно признат лингвист кој ја создаде првата службена граматика на современиот македонски јазик, изврши супервизија на изданието на стандардниот македонски речник, ја напиша историјата на македонскиот јазик, објави бројни студии за средновековните и современите ракописи и како претседател на Македонската академија на науките и уметностите издаде научни едиции на старите македонски текстови. Неговите современици, дома и во странство, се однесуваат кон него како кон "татко на современиот македонски јазик".

Струга ги прифаќа сите поети со голем стил. Мостот служи како платформа за вечерните читања, а публиката е сместена на бреговите на реката Дрим што тече кон запад од Охридското Езеро. Писателите од сите страни на светот се дружат во кафеаните и рестораните. Поезијата е главна тема на конверзација на патувањето со брод по езерото до манастирот Св. Наум. Изложбата на слики е немо сведоштво за македонската литература преку преводите со странски јазици. Навистина, покрај историскиот факт дека Охрид како културен и религиски центар кој датира од 9-тиот век е "прв европски универзитет", во светот не постои друг ваков фестивал.

Струшките вечери на поезијата се основани во чест на браќата Миладиновци, Димитрија (1810 - 1862) и Константин (1830 - 1862), кои се родени во Струга, а помладиот пишувал романтична поезија на својот мајчин јазик прогонет во Москва, а двајцата починале во еден затвор во Истанбул. Како претходници на македонската литературна преродба, овие учители-поети се потпирале на народните песни и наследените херојски легенди и приказни за ослободување на македонскиот јазик од влијанијата наметнати од наметнатите освојувачи: Византијците, Бугарите, Србите и Турците. Двајцата македонски монаси, Јоаким Крчовски (1820) и Кирил Пејчиновиќ - Тетоец (1845), исто така, за време на турската окупација ги објавиле првите книги воопшто издадени на македонски мајчин јазик.

Иако Бугарија се здоби со независност од Отоманската Империја кон крајот на 19-тиот век, македонската нација требаше да ги чека Балканските војни и двете светски војни за да оствари вистинска национална независност. Всушност, со конституирањето на Република Македонија како составен дел на Нова Југославија во 1944 година, најстарата словенска литература стана најмладо писмо. Во 1947 година, првата повоена генерација на македонски писатели - Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Владо Малески и Коле Чашуле, го формираа во Скопје Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броеше 7 члена (за разлика од денешните 300).

Македонското прашање - политичката дилема во врска со границите и говорните јазици - го оптоваруваше овој дел на Балканот скоро уште еден век по ослободувањето од турскиот јарем. Тврдењата и наметнувањата на трите соседи - Грците, Бугарите и Србите - наметнаа потреба од официјален јазик за разрешување на барем фундаменталната дилема без допирање на пожешката дискусија за границите. Затоа Блаже Конески и неговите колеги се обидуваа да создадат независен јазик од говорните дијалекти од Централна Македонија - посебно од Битола, Кичево, Прилеп и Велес, каде што со векови се говореше "чист македонски". Поради оваа причина, народните песни и другите традиционални поетски изрази одиграа значајна улога во создавањето нова граматика на македонскиот јазик.

Иако уметничкиот живот на Македонија се случува во нејзиниот главен град Скопје, а срцевината на говорниот македонски може да се лоцира во и околу Битола, нејзин културен центар сé уште е Охридското Езеро со неговите градови-близнаци Охрид и Струга. Охридскиот летен фестивал, меѓународен настан кој се одржува секоја година од средината на јули до средината на август, привлекува огромна публика на концертите кои се одржуваат во црквата Св. Софија. А документаристите од "Вардар филм" и од Македонската телевизија континуирано ги снимаат тие златни венцоносци на Струшките вечери на поезијата, а помеѓу другите големи имиња на современата поезија, им беше оддадена чест и респект и на Андреј Вознесенски, Ален Гинзберг, Тадеуш Ружевич и Јосиф Бродски.

"Неколку поети покрај Рилке и Лоренс пишуваат за природниот свет со вниманието и длабоката почит на Конески", напишаа Ендру Харви и Ан Пенингтон во нивниот вовед во Поемите на Блаже Конески (Лондон: Андре Дојч, 1979). "На негов најдобар можен начин, поет-трагичар со трагична нежност за животот, со трагично безгрижие". Еве пример од нивниот превод на една од неговите песни:

Љубиме еден миг
на разделбата сме тажни
си велиме еден на друг "не заборавај ме"
иако можеби никогаш повеќе нема да се видиме.

Разделба

Културна преродба

Македонската преродба, секако, датира од браќата Миладиновци, посебно од Константинмиладиновата "Т'га за југ" и Димитармиладиновата "Збирка на народни песни", објавена во 1861 година од загрепскиот бискуп Штросмаер. Меѓутоа, поавтентична "културна преродба" може да се открие пред само педесетина години. Поетот Коста Рацин (1908 - 1943), чија збирка "Бели мугри" беше објавена во Загреб во 1939 година, честопати е нарекуван "татко на македонската модерна книжевност". Популарната народна пиеса "Македонска крвава свадба", на Војдан Чернодрински, напишана на почетокот на дваесетиот век, беше првата македонска автентична драма. Нивни современици беа поетите: Коле Неделковски, Антон Попов, Мите Богоевски и Никола Јонков Вапцаров.

Културната преродба на поствоениот период, исто така, најде израз во продукцијата на "Вардар филм". Како што беше вообичаено во социјалистичките кинематографии во тоа време, писателите коишто имаа слух за владејачките лидери одиграа водечка улога во продукцијата на македонскиот игран филм. Владо Малески (1919 - 1984), писател на куси раскази и литературен издавач, го напиша сценариото за "Фросина" (1952), првиот македонски игран филм на белградскиот режисер Воислав Нановиќ. Подоцна Малески напиша едно од класичните дела на модерната македонска белетристика, романот "Разбој" (1969).

Славко Јаневски - чиј роман "Селото зад седумте јасени" (1952), инаку реалистичен пристап на секојдневниот селски живот, беше првиот роман објавен на македонски - соработуваше како сценарист со љубљанскиот режисер Франце Штиглиц во снимањето на "Волча ноќ" (1955) и "Виза на злото" (1959). Како плодотворен писател, Јаневски ја адаптираше за екран класичната историска драма на Војдан Чернодрински "Македонска крвава свадба" (1967), во режија на Трајче Попов; соработуваше со Панде Ташковски на филмската адаптација на подоцнежниот епски воен роман "Доследни на заветот" пренасловен во "Македонскиот дел од пеколот" во режија на Ватрослав Мимица од Загреб; и ја адаптира сопствената хуманистичка новела "Две Марии" за филмот со наслов "Јазол" во режија на Кирил Ценевски.

Јован Бошковски (1920 - 1968), писател на кратки раскази и новелист, е специјализиран за сценарија на тема Илинденското востание и краткотрајната Крушевска република во 1903 година. Тој ја адаптира за екран својата популарна новела "Солунските атентатори" (1961), во режија на Жика Митровиќ од Белград и соработуваше со Љубиша Георгиевски во "Републиката во пламен" (1969). Бошковски беше еден од сценаристите на филмот "Мементо" на Димитрие Османли - игран филм кој ја прикажува трагедијата од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година.

Симон Дракул (1930 - 1999), поет и романописец, ја доби Златната арена на Пулскиот фестивал за неговото сценарио за филмот "До победата и по неа" (1966) на режисерот Жика Митровиќ, воена приказна со хуманистичка порака. Тој, исто така, го напиша и сценариото за еден од клучните играни филмови на македонската кинематографија: "Време без војна" на Бранко Гапо (1969), бескомпромисен приказ на науспешното колективизацијата. Тој, исто така беше автор и на сценаријата на филмовите "Цената на градот" (1970) на Љубиша Георгиевски и "Македонска сага" (1993) на Бранко Гапо.

Драмскиот писател Коле Чашуле (роден 1921), кој беше во еден период и директор на Македонскиот народен театар, својата успешна драма "Црнила" (1962) ја гледаше како драма за политички атентат, адаптирана за филм во "Денови на искушение" (1965), во режија на Бранко Гапо и со двајца еминентни македонски писатели Димитар Солев (роден 1930) и Гане Тодоровски (роден 1929) како соработници на сценариото. Подоцна, Димитар Солев тимски со Гапо работеше на сценариото според својот историски роман "Под усвитеност" за младите во партизанскиот отпор пренасловен во филмска верзија како "Истрел" (1972).

Живко Чинго (1936 - 1986), познат како еден од најдобрите во новата генерација македонски писатели што се појавија на сцената во 1960-тите години, беше сценарист на филмот "Жед" (1971) на Димитрие Османли, одговор на "Вардар филм" на критички наречениот "црн филм" во југословенските киносали. Приказната "Татко", исто така, послужи како инспирација за "Колнати сме, Ирина" (1973) на актерот-режисер Коле Ангеловски. И Петре Андреевски (роден 1934), кој е прогласен за врвен поет во Македонија на Струшките вечери на поезијата во 1971 година, го напиша сценариото на филмот со позитивна критичка оценка "Најдолгиот пат" (1976), историски еп од периодот на Илинденското востание, добитник на Сребрената арена на пулскиот фестивал.

Општо е признато дека македонската кинематографија официјално созрева во 1971 година, кога писателот Ташко Георгиевски, роден во Егејска Македонија 1935 година, во 1971 го адаптираше својот познат роман "Црно семе" (1962) за филмска верзија со ист наслов и во режија на Кирил Ценевски. Оваа приказна за трагичните последици на Граѓанската војна во Грција го доби своето филмско продолжение во 1981 година со "Црвениот коњ" во режија на Столе Попов, по сценарио на Ташко Георгиевски, кој повторно ја документираше болката и страдањето на невините Македонци од Егејска Македонија, собрани во Северна Грција за транспорт и прогонство во Средна Азија за време на сталинизмот.

Филмовите "Црно семе" и "Црвениот коњ", и обата добитници на високи награди на филмските фестивали во Пула и Белград, ја создаваат суштината на македонската кинематографија.

Македонија - од нација до држава

Вкупно имаше четири различни историски периоди во развојот на Македонија, односно во процесот на стекнување независност, суверенитет на државата и зачленувањето во Обединетите нации како 181-ва членка. Сите овие периоди се обработени и имаат свое ехо во повоената историја на македонската кинематографија.

Првата суверена држава се појави кон крајот на 10-тиот век и постоеше приближно околу 50 години (969 - 1018) под власта на царот Самуил, кога покрстените македонски Словени се кренаа на востание против византиското владеење. Нивна престолнина стана Охрид, религиозен и културен центар на словенското христијанство. Иако царот Самуил беше поразен во 1014 година од Василиј II (976 - 1025), византиски император на македонската династија (867 - 1056), потомците на Македонците кои живеат денес во регионот можат да ги најдат трагите на својот културен идентитет од пред илјада години. Исторскиот еп на Кирил Ценевски "Јад" (1975) се занимава со тој период.

Вториот важен момент за независноста на македонската држава беше Крушевската република основана со појавата на Илинденското востание на 2 август 1903 година на површина од приближно 10.000 м2 во Крушево и неговата околина во Западна Македонија. Иако востанието траеше само три месеци, а револуционерите беа убиени или затворени, тоа беше од помош при укинувањето на одлуката од 1878 година на Берлинскиот конгрес која овозможуваше Отоманската Империја да ја задржи контролата на Македонија. Всушност, востанието го предвести револтот на младотурците и крајното ослободување од отоманското владеење, иако проблемите со нејзините соседи доведоа до Балканските војни 1912 - 13 г. Најмалку шест македонски играни филма го третираат историскиот период на Крушевската република.

Македонците се здобија со независност по третпат на крајот на Втората светска војна кога на 2 август 1944 година (41-вата годишнина на Илинденското востание) стана една од републиките на Народна Југославија. Следниот половина век, Македонија се разви во културен и економски ентитет. За првпат во современата историја, нејзините граници беа политички определени и обезбедени, и покрај континуираната агитација на соседите за таканареченото "македонско прашање". Во почетокот на поствоениот период од Грција започна масовната депортација на егејските Македонци во затворските кампови во Средна Азија, подоцна следеше миграција на работниците во странство во Западна Европа и емиграционите движења кон Австралија и Северна Америка. Но, и покрај овие оспорувања, Република Македонија направи големи културни чекори во правец на автентичниот македонски јазик и обновата на сите уметности. Како што оваа монографија подвлекува некои детали, Македонската кинематографија во целина - продукцијата на играниот филм, на документарните филмови, и кратките анимации - значително се зголемува со секоја измината декада.

На 8 септември 1991 година, 75% од македонскиот електорат гласаше на референдумот за суверенитет - 95% го дадоа својот глас за целосна независност. На 17 ноември 1991 беше усвоен новиот Устав.

Г-дин Киро Глигоров беше избран за претседател. Пет години подоцна, Република Македонија не само што беше призната од повеќе од 50 земји, туку и разреши многу полемики и склучи договори со сите свои соседи: Бугарија, Грција, Албанија и Србија/Југославија.

Понатаму, таа се истакна и во светот на филмот: "Тетовирање" на Столе Попов (1991), прв автентичен македонски игран филм кој официјално ја претставуваше штотуку конституираната република во 1992 година на Светскиот филмски фестивал во Монтреал и истата година беше номиниран за "Феликс" за европски филм на годината. Во 1994 година, на филмскиот фестивал во Венеција, "Пред дождот" на Милчо Манчевски, британско-француско-македонска копродукција, што делумно беше сниман во охридскиот регион, ја доби наградата "Златен лав".

Денес, филмската продукција во Македонија трпи големи промени. Сé уште, благодарение на националниот престиж на годишните програми на Интернационалниот фестивал за филмска камера "Браќа Манаки" во Битола кон крајот на септември или во почетокот на октомври, македонската кинематографија го зазема своето вистинско место помеѓу светските филмски земји.