Филмот и филмската слика, иако за прв пат се појавува кон крајот на 19 век, го одбележува 20-тиот век како век на визуелизацијата и со огромен интензитет продолжува во мугрите на овој милениум.
Во рамките на оваа "глобална" забелешка се вклопува и кинематографијата на македонската почва. Она што на почетокот беше сензација прикажувана од непознатите италијански (и други белосветски) патувачки авантуристи и киноприкажувачи, набргу стана вообичаена новотарија која им го приближи светот на нашите прадедовци, но и го привлече влијанието на светот кон нашата Македонија.
Она што на почетокот беше аматерско и неизвесно авантуристичко чекорење во непознатото, набргу се претвори и рутина, и уметност. Времето кое поминуваше остануваше забележано во филмските хроники и артистичките визии, остануваше како запис за нашето постоење: идно, минато и сегашно.
Значењето на македонските автори, филмски работници и вечни ентузијасти - вљубеници во "сликата која се движи", е преточена во хронологијата на филмските настани. Тоа е историја на една мала по обем, но прекрасна кинематографија: Македонска кинематографија.