Филмски институции

  • image description3/25/2012 12:00:00 AM
На почетокот беше светлото. И многу сенки од кои не можеше да се претпостави што ќе се изроди. Дали филмот ќе биде уште една панаѓурска забава еднаква на магионичарските трикови, краткотрајна сензација која бргу ќе се заборави? Сепак оној што го направи феноменот наречен филм беше духот на филмските пионери. И во Македонија случајот беше ист. Но, визиите на пионерите набргу станаа јаве и се формираа институциите кои организирано го стимулираа филмското производство. Пред Втората светска војна во Македонија тоа беше Хигиенскиот завод од Скопје кој кинестетската моќ ја користеше во едукациони, благородни цели, за образување на македонското население во борбата против разни болести. Сепак националното ослободување по Втората светска војна го означи вистинскиот почеток на институционализираниот перод во развојот на македонската кинематографија. Тогаш се формирани институциите кои долго време ќе бидат столбови на оваа гранка, во сите нејзини сегменти: Вардар филм, Македонија филм, Заводот за научно наставен филм, Факултетот за драмски уметности, Градските кина, Кинотеката на Македонија... Од овој список не може да се изостави ниту Македонската телевизија, која со огромниот реализиран опус има одиграно огромна улога во дизајнирањето на нашата визуелна свест. Напуштањето на еднопартискиот систем, иако од една страна означи крај за начинот на кој функционираа некои од институциите во кинематографијата, сепак воведе поздрави (како потенцијал) економски основи за приспособувањето на нашата кинематографија во глобалните текови. Новите приватни иницијативи, младиот кадар и алтернативните начини на финансирање ќе воведат нова свежина и во ова поле.