< Назад

Црвениот коњ

Производство: Вардар филм - Скопје; Македонија филм - Скопје

Земја на потекло: Република Македонија

Жанр: историски

Род: Игран филм

Времетраење: 127 минути

Тип: Филмска лента

Техника: вајдскрин

Звук: Да

Во боја: во боја

MM: 35

Година: 1981

Содржина: Неколку години по заедничката братска борба против монархо-фашистичкиот режим, крвареа и грчкиот и македонскиот народ. По поразот на Демократската армија на Грција 1949 година, чии операции се одвиваа претежно во северниот дел на земјата (Егејска Македонија), голем дел од припадниците на ДАГ и на невиното население ја доживеаја судбината на политичко прогонство.... Слика на граничниот појас на Албанија кон Грција 1949 година: се разоружуваат борците на ДАГ. Без објаснување им се одзема оружјето. Некои од македонските борци се обидуваат да дадат отпор, но поради довербата во довчерашните соборци отпорот не е масовен. Еден од оние кои се спротивставуваат веднаш е убиен. Обезоружените борци ги пренесуваат со брод. Се слушаат најразлични претпоставки за местото на транспортот. Преовладува мислењето дека одат на ново боиште каде што повторно ќе го добијат оружјето. Оваа мисла ја поткрепува војничкиот третман и физичките вежби на кои инсистира грчкиот офицер Ставропулос. Бурата што ги вознемири војниците во потпалубата заврши и тие излегуваат на палубата. Со полни гради вдишуваат чист воздух. Македонецот Борис и Гркот Никифор, стари пријатели и соборци седат еден до друг. Останатите се разделени - Македонците на едната, а Грците на другата страна. Вани Јосмов започнува да пее. Грците веднаш реагираат и ја пеат истата песна на својот јазик. Тогаш се придружуваат и останатите Македонци кои ја пеат песната на македонски. Атмосферата на бродот се вжештува. Се пројавува антагонизмот поттикнат од непочитување на разликата во националната припадност на борците... Пустински предел. Минува возот со припадниците на ДАГ. Веќе неколку дена патуваат низ едноличниот пејзаж. Тоа е Узбекистан. Пристигнуваат во Собирниот пункт бр.3 во близина на Ташкент. Се преземаат хигиенски мерки за заштита на здравјето на борците. Потоа следат поздравни говори во кои се величи Советскиот Сојуз и неговиот водач Сталин. Грчките офицери се заблагодаруваат за укажаната помош. Борците сметаат дека тоа ќе биде краток престој по кој ќе се вратат и ќе ја продолжат борбата. Кај нив сè уште не е искристализирана вистината за наметнатото прогонство. Ставот на Ставропулос се разликува од официјалниот. Тој зборува за неопходноста да се вратат назад бидејќи суштината на нивната борба ќе биде изневерена со чинот на бегството... Борците на ДАГ се ангажирани во работата на оризовите полиња, за потоа да бидат вработени во Металуршкиот комбинат. За време на полските работи, Борис Тушев, вдовец и татко на три ќерки од кои е разделен поради прогонството, се запознава со Олга. Таа се грижи за него и му дава, макар навидум, семеен живот. Пријателите од кои Борис бара поддршка за својата врска, го одобруваат неговиот брак, иако за нив тоа значи уште едно разочарување повеќе. Како да се потврдува апсурдноста на илузијата за враќањето дома. Таквиот став кон семејните обврски во туѓина е и причината поради која Вани Јосмов останува сам. Нагризуван од постојаната болка - носталгијата, како да ја предизвикува судбината и тој умира во светот во кој не успева да се интегрира. Неговата смрт вистински го потресува Борис. Таа во исто време станува и движечка сила што му дава решеност да ги надмине сите свои внатрешни конфликти, да направи компромис и низа отстапки што од него ги бара грчката власт и да се врати во родното село... Борис со радост ги гледа познатите предели. Патем сретнува селанец кој го продава својот убав, и со необична црвена боја, коњ. Борис го купува и со галоп влегува во селото. Следен од народот влегува во својот двор и ја бакнува земјата. Го пречекува последната, неговата најмала и сè уште немажена ќерка... Борис ја расчистува куќата за којашто никој не се грижел долги години. Малкумина од селото, во кое живее и македонско и грчко население, гледаат добронамерно на Борис. Еден од нив е и Вани Урумов. Грците, како и некои млади Македонци, постојано бараат начин да го навредат Бориса. Како да им пречи и на едните и на другите. Борис го вознемирува и мистериозната бременост на ќерката, поради што му се потсмеваат злонамерните во селото. Тој се расправа со неа и ја брка од дома... Во селото се сретнува и со некогашните приврзаници на партијата кои по поразот на ДАГ се затворани, испраќани по казна на островите, физички и ментално сакатени. И во контактите со братот нема топлина. Оној што останал во селото со обврска да ги сочува семејството и имотот не успеал во тоа, а другиот што заминал не ја донесе слободата... Настанува конфликт во кафеаната кога Борис е обвинет дека е комунист и дека и бојата на неговиот коњ тоа го потврдува - значи негова осуда. Едно утро тој го наоѓа коњот убиен. Избезумен и бесен, Борис влегува во кафеаната. Таму се виновниците кои продолжуваат да му се потсмеваат. Во тепачката што следи и во која Борис е сам наспроти повеќемина Грци и Македонци, завршува неговиот трагичен животен пат.

Награди: 1981 ФЈИФ, Пула, Златна арена за сценографија на Властимир Гаврик 1982 ФЕСТ, Београд, Диплома за режија на Столе Попов 1982 МФФ Лос Анџелес, Диплома ФИЛМЕКС за Столе Попов 1982 МФФ, Сан Франциско, Диплома за Столе Попов 1982 ФФ, Ниш, Голема диплома за машка епизодна улога за Мето Јовановски 1982 11 Октомвриска награда за Столе Попов 1982 „Седум секретари на СКОЈ“ за актерското остварување на Данчо Чевревски

Автори:

Продуцент: Поповски Анте
Директор на филм: Ангеловски Благоја
Директор на фотографија: Михајловски Бранко
Сценографија: Гаврик Властимир
Асистент снимател: Салковски Драган
Организатор на снимање: Калиќ Милош
Асистент на монтажа: Димовска Бисерка

Други улоги:

Драгиша Димитриевски
Братислав Димитров
Славица Зафировска
Благоја Ристовски
Киро Божиновски
Цане Настовски
Славко Тасевски
Илија Струмениковски
Вељанка Пандиловска
Бекир Нуредини


Други соработници:

соработник на сценариото -- Столе Попов
асистенти сниматели -- Александар Прошев; Слободан Стојков
гардеробер -- Станислава Бранковиќ
реквизитер -- Живан Влајиќ
фотограф -- Владимир Плавевски
помошник сценограф -- Слободан Мијачевиќ
организатори на снимање -- Александар Поповиќ
помошник директор -- Љубица Крстевска
помошник режисер -- Света Павловиќ
асистенти режисери -- Борко Зафировски; Драган Ничев
шминкер -- Марија Кордиќ

Постер:

Фотографии:

Награди: